Во Србија утрово целосно е запрен железничкиот сообраќај, само неколку часа пред најавениот голем студентски и граѓански антивладин протест во Белград. Државната компанија „Србијавоз“ соопшти дека од 4:15 часот е прекинато движењето на сите возови во земјата, без да бидат наведени официјални причини за ваквата одлука.
Граѓани и студенти планирале да пристигнат со воз во Белград
Според дел од српските медиуми, илјадници граѓани и студенти од повеќе градови планирале токму со воз да пристигнат во Белград, за да учествуваат на протестот на плоштадот „Славија“. Собирот се одржува под слоганот „Ти и ја – Славија“.
Опозицијата се сомнева во обид за намалување на масовноста
Порталот „Данас“ пишува дека слични прекини на железничкиот сообраќај се случувале и претходно пред големи собири. Дел од опозициските претставници оценуваат дека станува збор за обид да се намали масовноста на протестот.
Нема официјална потврда за причините за прекинот
Во јавноста и на социјалните мрежи се појавија информации дека можната причина за прекинот се дојави за бомби, но за тоа засега нема официјална потврда. Од „Србијавоз“ апелираат патниците да ги следат официјалните известувања. Белград од раните утрински часови е во знакот на подготовките за протестот против власта на претседателот Александар Вучиќ, за кој организаторите очекуваат голем одѕив од цела Србија.
