Ниту едно лице од Трубарево досега не се одлучило доброволно да се евакуира во Центарот за обука на МВР во Идризово, кој беше подготвен за сместување на граѓаните чии домови се наоѓаат во близина на вчерашниот пожар во складиштето за рециклирање отпад.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, изјави дека ова е информација што ја имале до почетокот на прес-конференцијата што ја одржаа заедно со министерот за животна средина Изет Меџити и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов во Владата.
На новинарско прашање каде се наоѓал премиерот Христијан Мицкоски вчера, Митева објасни дека претседателот на Владата постојано бил во комуникација со сите надлежни институции и дека главниот фокус на Владата бил на санирање на инцидентите и спречување на поголеми штети.
„Институциите беа во комплетна координација и се очекува надлежните органи да дадат првични информации. Претседателот на Владата беше во постојана комуникација со градоначалниците, институциите и одговорните компании за состојбите,“ додаде Митева.