Знамињата на половина копје. Од утрово Македонија започнува седумдневна жалост.
Владата прогласи седумдневна жалост по трагедијата во Кочани
Владата ја започна вчерашната седница со едноминутно молчење во чест на трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 59 лица, а над 100 луѓе се хоспитализирани.
На вонредната владина седница, донесена е одлука за седумдневна жалост на целата територија на државата. Во овој период се очекува сите граѓани и институции да се придржуваат до одлуката, бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни.
Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост, во која граѓаните и институциите ќе можат да изразат сочувство.
Вонредни инспекции во сите ноќни клубови
На седницата е донесена одлука со која Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена треба да изврши вонреден инспекциски надзор на сите угостителски објекти. Овде спаѓаат ноќни клубови, дискотеки и кабареа низ целата земја. Владата очекува итен извештај за состојбата со нивната безбедност и исполнување на стандардите.
Меѓународна помош и истрага против одговорните
Владата донесе заклучок за активирање на механизмот за барање меѓународна помош, со цел да се обезбеди дополнителна медицинска и стручна поддршка за повредените.
Паралелно, во соработка со Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции, се прибираат материјални докази. Владата уверува дека секој инволвиран во овој трагичен настан и кој свесно придонел за загрозување на човечки животи ќе одговара пред законот.
„Никој не е над законот. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите. Во овој трагичен настан не постои збор кој може да ја ублажи болката за ненадоместливата загуба.“
Апел за неполитизирање на трагедијата
Знамињата на половина копје. Воедно, Владата апелира овој случај да не се политизира, за институциите да можат да го расчистат во целост.
„Ниту една информација нема да биде скриена од очите на јавноста.“
Во сите здравствени установи е мобилизиран целокупниот медицински персонал, кој е на располагање за повредените со цел нивно што побрзо закрепнување.