Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници реагираа по јавната изјава на Венко Филипче, упатена кон новинар од ТВ Алфа, оценувајќи дека ваквиот настап е непримерен и штетен за медиумската слобода.
Во реакцијата се посочува дека јавните обвинувања и реториката насочена кон дискредитација на новинари не придонесуваат за демократска атмосфера и доверба во медиумите.
Следи целото соопштение:
„Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници реагираат по денешната јавна изјава на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упатена кон новинар од ТВ Алфа.
Сметаме дека е недозволиво и непримерно за претседател на политичка партија јавно да упатува тешки обвинувања за корупција проследена со реторика на дискредитирање кон новинари и медиуми. Oва не е изолиран случај, туку загрижувачка пракса во која политички субјекти сè почесто се обидуваат да поттикнат кампањи и наративи за оцрнување кон поединечни новинари и редакции.
Медиумите не смеат да се користат како средство во партиска политичка пресметка. Префрлањето вина кон новинари и редакции, како и нивно јавно етикетирање, не е демократски однос кон слободата на изразување и улогата на медиумите во општеството.
Доколку било кој чинител во општеството има сериозни сомнежи за незаконитости пропусти за работењето на поедини медиуми, тие треба да се адресираат пред надлежните институции и преку законски процедури, а не преку јавни политички кампањи против конкретни новинари и медиуми.
Во спротивно, политичките чинители ја намалуваат довербата кон медиумите преку своите вакви постапки, а тоа не е во духот на вредностите за кои треба да се залагаат. Ги повикуваме сите политички партии во иднина да се воздржат од јавни изјави што можат да поттикнат притисок, дискредитација или недоверба кон новинарите и медиумските работници.
Меѓународните стандарди јасно укажуваат дека политичарите и јавните функционери треба да покажат повисоко ниво на толеранција кон медиумско известување и да не користат понижувачки јазик кон новинарите.
ЗНМ и ССНМ ќе продолжат внимателно да ги следат ваквите случаи и јавно да реагираат секогаш кога новинари и медиуми ќе бидат изложени на политички притисок или јавно таргетирање.“
