Пензионери во странство без најавените зголемувања

Уставниот суд отвори предмет за законските измени со кои македонските пензионери кои живеат во странство останаа без зголемувањето од 2.500 денари во март оваа година. Тие ќе останат и без планираните покачувања од по 1.000 денари во септември 2025 и март 2026 година. Во Судот пристигнале три иницијативи во кои измените се оценуваат како неуставни и дискриминаторски.

Наводите во иницијативите

Првата иницијатива, поднесена од Љубомир Сандевски, тврди дека измените создаваат дискриминација и трајна финансиска штета за државјаните на Македонија кои пензиите ги примаат во странство, бидејќи се ускратени редовните усогласувања. Втората иницијатива, од Илија Ивановски, го оспорува условот зголемувањето да важи само за оние што ја примаат пензијата во земјава. Третата, од Темелко Ристевски, оспорува конкретни законски одредби заради повреда на повеќе членови од Уставот, укажувајќи на нееднаквост меѓу пензионерите и ограничување на слободата на движење на околу 12.000 лица.

Ставот на Фондот за ПИОМ

Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување велат дека исплатите се вршат според важечкиот Закон. Објаснуваат дека пензионерите во странство го добиле првото зголемување од 2.500 денари во септември 2024 година. Сепак не го добиле и априлското од 2025, ниту оние планирани за септември 2025 и март 2026. Фондот нагласува дека ќе ги почитува одлуките на надлежните институции и ќе постапува според законските решенија.

Извор: Плусинфо