Претседателството на Демократска унија за интеграција (ДУИ) одржува вонреден состанок во седиштето во Тетово.
Пред почетокот на состанокот претседателот на ДУИ, Али Ахмети најави дека средбата на претседателството е со цел носење одлука, а по повод резултатите од седум изборни места од 8 мај, за кои треба да има прегласување.
– Оваа ситуација не доведе до состојба да повикаме ургентен состанок на претседателството, по кој ќе следат и средби со експерти, за оваа неправда која е направена на Фронтот. Овој момент доаѓа по анализа на одлуките на ВМРО и СДСМ за повторување на изборите на овие изборни места, со цел да се спојат за Европскиот фронт да не биде втора сила во земјата. Ова е направено од двете најголеми партии од македонска националност, кои за жал политички се плашиме дека ќе имаат влијание и на меѓуетничките односи кои ние не ги посакуваме, изјави Ахмети.
Според претседателот на ДУИ прегласувањето има ризична позадина.
– Ние ќе правиме анализа. Исто така ова повторување што ќе се прави, се прави со една ризична позадина ние Албанците да се убиеме, како што се случи на едно изборно место во Општина Желино, тоа не го посакуваме, ниту пак ќе се случи. Ако некој има стратегија да пукаме ние Албанците меѓу себе, нема да се реализира, рече Ахмети.