Поранешниот претседател на Европската комисија и поранешен премиер на Италија, Романо Проди, предупреди дека евентуална победа на АфД на изборите во Германија би можела сериозно да влијае врз иднината и функционирањето на Европската Унија. Во гостување на „Радио 24“, Проди говореше за политичките предизвици со кои се соочува Европа, со посебен фокус на политичките случувања во Германија и растот на поддршката за АфД.
Според Проди, евентуален изборен успех на АфД во Германија, која е најголемата европска економија, би можел да има сериозни последици врз функционирањето на Унијата.
– Ако АфД победи на изборите во Германија, со Европската Унија е завршено – изјавил Проди.
Тој оценил дека таков исход би можел дополнително да го отежне носењето и спроведувањето на заедничките одлуки во ЕУ. Проди истакнал дека Унијата и во моментов се соочува со тешкотии при спроведувањето на сопствените политики, а евентуална политичка промена во Германија би можела дополнително да ја продлабочи нестабилноста.
Изјавите на Проди доаѓаат во период кога политичките промени во најголемите земји членки на ЕУ се следат со особено внимание поради нивното влијание врз идниот курс на Унијата. Германија има значајна улога и во процесот на проширување на ЕУ, поради што политичките случувања во земјата се релевантни и за земјите кандидатки, меѓу кои е и Македонија.
