Само еден пожар е активен кај селото Тумчевиште, додека пожарите во Јасен и прилепско се ставени под контрола

Само еден активен пожар е регистриран вечерва во земјава, кај селото Тумчевиште во Општина Врапчиште, информираат од Центарот за управување со кризи.

Под контрола денеска до 18:30 часот се ставени три пожари, додека 11 пожари се целосно изгаснати.

Под контрола се пожарите во Јасен, Општина Македонски Брод, каде гореше мешана шума, како и во селата Беловодица во местото викано Ливада и селото Лењиште, каде гореше букова шума. Дополнително, под контрола се ставени пожарите во селата Стровија и Долгаец, каде гореше мешана шума.

Изгаснати се пожарите во следните локации:

  1. Општина Сопиште: кај Брана Езеро Козјак (ниска вегетација и шума);

  2. Општина Студеничани: с. Горно Количани и с. Драчевица, планински врв Китка (мешана шума);

  3. Општина Кичево: с. Душегубица (ниска вегетација и ниска шума);

  4. Општина Охрид: с. Велгошти (ниска вегетација);

  5. Општина Велес: с. Клуковец (ниска вегетација);

  6. Општина Росоман: с. Дебреште (ниска вегетација);

  7. Општина Кавадарци: с. Брушани (ниска вегетација);

  8. Општина Демир Хисар: с. Кутретино (депонија);

  9. Општина Битола: м.в. Тепсија (ниска вегетација);

  10. Општина Брвеница: с. Милетино (ниска вегетација);

  11. Општина Гостивар: во близина на Болница во Гостивар (ниска вегетација).