Алармантен раст на рак на грлото на матката
Во земјава се бележи загрижувачки пораст на бројот на жени заболени од рак на грлото на матката, при што најмладите пациентки се на само 18-годишна возраст, а просечната возраст на заболените изнесува околу 55 години. Овие податоци беа презентирани на настан по повод Неделата за подигнување на свеста за борбата против ракот на грлото на матката, организиран од Македонско лекарско друштво и Македонско здружение за цервикална патологија и колпоскопија.
Статистика што загрижува
Според најновата клиничка епидемиолошка статистика на Клиника за радиотерапија и онкологија, во 2025 година првпат со оваа дијагноза се јавиле 122 пациентки, додека во 2024 година биле регистрирани 74 нови случаи. Претседателот на Македонското лекарско друштво и на Здружението за цервикална патологија и колпоскопија, Горан Димитров, истакна дека Светска здравствена организација препорачува ХПВ тестот да стане примарна метода за скрининг од 2030 година, оценувајќи го како попрецизен, посензитивен и финансиски поисплатлив, при што нагласи дека здравствениот систем располага со соодветен стручен кадар и капацитет за негова примена.
Превенцијата како клучен фактор
Директорката на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство и претседателка на Комисијата за превенција на цервикален карцином, Ирена Алексиоска-Папестиев, посочи дека во периодот од 2016 до 2023 година биле дијагностицирани 2.263 пациентки, од кои 540, односно речиси 24 отсто, починале, иако станува збор за целосно превентибилен карцином. Таа нагласи дека особено загрижува појавата на болеста кај сè помлади жени и дека е неопходно зголемување на јавната свесност и унапредување на скринингот.
Раководителката на Одделението за малигни генитални тумори кај жената на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Виолета Клисаровска, предупреди дека 70 до 80 отсто од пациентките се јавуваат во локално напредна фаза на болеста, кога лекувањето е најсложно и најскапо. Националниот координатор за имунизација, Александра Грозданова, информираше дека од 2025 година во земјава целосно се применува деветвалентната ХПВ вакцина, која е воведена и за момчињата, при што опфатот со вакцинацијата достигнал околу 60 отсто, а вакцинацијата за сите момчиња и девојчиња до 19 години се спроведува на товар на државата.
