Церемонијата на примопредавање на должноста беше одржана пред зградата на Владата, каде што беше изведена државната химна и беше построена свечената гарда на Безбедносните сили на Косово.
Според агендата на денешните активности на Курти, што ја објави владината служба за информирање, во 11.30 часот тој ќе ја одржи првата седница на новата Влада, по што ќе замине за Преказ, каде што ќе го посети Меморијалниот комплекс „Адем Јашари“. За попладне е предвидена средба со шефот на Канцеларијата на Европската унија во Приштина, Томаш Суниог.
Собранието на Косово синоќа, со 67 гласа „за“, 30 „против“ и ниеден воздржан, го изгласа лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти за нов премиер и го усвои неговиот предлог за состав на Владата. Кабинетот на Курти има 18 члена, од кои тројца вицепремиери.