Нашата најголема фармацевтска компанија „Алкалоид“ преку Македонската берза за долгорочни хартии од вредност објави информација за своите инвестиции во странство. „Алкалоид“ неодамна регистрираше ново друштво во Хрватска, кое ќе биде 100 отсто во негова сопственост, а е осми по ред отворен субјект на „Алкалоид“ отворен во земја членка на Европската унија.

-АЛКАЛОИД АД Скопје регистрираше ново друштво во Хрватска, со назив АЛКАЛОИД ФАРМА ИНТЕРНАЦИОНАЛ ДОО Загреб. Друштвото е во 100 отсто сопственост на АЛКАЛОИД АД Скопје. Имајќи предвид дека 69 отсто од пласманот на производите на компанијата се наменети за извоз, од исклучително значење е присуството на производствената програма на пазарите во ЕУ, како и проширувањето на нови пазари. Во таа насока, новоотворениот правен субјект е осми по ред кој е основан во рамките на земјите членки на Европската Унија. Со ваквиот потег АЛКАЛОИД продолжува во насока на остварување на својата главна стратешка определба, за развој во деловните контури на извозно ориентирана компанија со стабилна пазарна позиција, се вели во објавата на скопската фармацевтска компанија на Берзата, преку ценовно чуствителната информација.