Од политичката партија Алтернатива соопштија дека уште еден внук на Ахмети е награден и унапреден во дипломатскиот кор, од страна на министерот на ДУИ, Бујар Османи, пренесува Алсат.

„Само неколку дена откако 24-годишниот внук на Али Ахмети го купи трговскиот центар Соравија, уште еден од внуците на Али Ахмети е назначен за прв секретар на Амбасадата на Македонија во Брисел. По Дрин Ахмети, кој се покажа дека има „посебни деловни вештини“, другиот внук, Бесијан Ахмети, се покажа дека има „посебни дипломатски вештини“ и тоа беше причината да го назначат во дипломатијата, и покрај тоа што неговиот стаж е помалку од една година, а дипломатското искуство е НУЛА“, наведуваат од Алтернатива.

Компанијата „Тор Индустрис“ на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, е компанија основана во 2020 година, која не покажува профит, туку работи со загуби. Истата компанија заедно со албанската фирма „Пе-Вла-Ку“ ја презеде сопственоста на „Соравиа“, и наместо парична инвестиција, компанијата парнер од Албанија е таа што плаќа, а Дрин Ахмети добива 39%.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, оценува дека е можно да се отвори постапка за контрола на финансиските текови околу продажбата на трговскиот центар „Соравија“, откако Дрин Ахмети се стекна со 39 отсто од акциите на „Соравија инвест“, и 49 отсто од акциите на „Соравија менаџмент“. Спасовски рече дека пред законот сите треба да бидат еднакви.

Од друга страна, ВМРО ДПМНЕ инсистира дека фактите јасно се гледаат, и итно треба да се отвори предистражна постапка.