Поддршката кон Мицкоски останува водечка, се враќа довербата во институциите

Последното истражување на јавното мислење на МКД.мк и агенцијата Маркет Вижн, спроведено во периодот од 2 до 18 март, покажува дека граѓаните и понатаму најголема доверба имаат во ВМРО-ДПМНЕ и во лидерот на партијата, премиерот Христијан Мицкоски.

И покрај тоа што владејачката структура е речиси две години на власт, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски останува висок во споредба со опозицијата. Индикативно е што вкупната доверба во сите лидери на политички партии е пониска од довербата што ја ужива Мицкоски како поединец.

Овие бројки упатуваат на заклучок дека значителен дел од граѓаните се задоволни од работењето на владината коалиција, при што довербата во институциите постепено се враќа. Перцепцијата кај јавноста е дека премиерот Мицкоски неуморно работи во насока на стабилизирање на државата, носење инвестиции и подобрување на инфраструктурата.

На прашањето за доверба во политички лидери, најголем дел од испитаниците изјавиле дека немаат доверба во ниту еден, но сепак една четвртина (25,2%) најголема доверба ја изразиле токму кон Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ со најголема изборна поддршка

Истражувањето покажува дека ВМРО-ДПМНЕ има убедлива предност и кога станува збор за изборна поддршка. На прашањето за кого би гласале на следните избори, 24% од испитаниците се определиле за оваа партија.

Зад неа следуваат Вреди со 5,1%, СДСМ со 4,9%, ДУИ со 4,8%, Левица со 3,1% и ЗНАМ со 2,1%. Значаен дел од испитаниците, односно 28,1%, изјавиле дека нема да гласаат, додека 9,7% се уште се неодлучни.

Доколку се земат предвид само оние што се изјасниле за конкретна партија, повеќе од половина од нив би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, што дополнително ја зацврстува позицијата на власта предводена од оваа партија.

Овие резултати се толкуваат како одраз на поширока поддршка за владините политики, особено во делот на економијата и економскиот благодет на граѓаните, како и засилените инвестиции и инфраструктурни проекти.

Поделени ставови за насоката на државата

Истражувањето отвора и поширока слика за расположението кај граѓаните. Повеќе од половина од испитаниците (52%) поддржуваат влез на Македонија во Европската Унија како земја членка без право на вето.

Во однос на генералната насока на движење на државата, 36,2% сметаат дека Македонија се движи во правилна насока, додека 46,9% оценуваат дека земјата оди во погрешен правец.

Во овој контекст, дел од јавноста ја препознава политиката на владата како цврста кога станува збор за националните прашања, како и стабилна во делот на надворешната политика, што придонесува за одржување на позицијата на државата на меѓународен план.

Анкетата е спроведена со телефонско интервјуирање (CATI метода) на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници, според регион, пол, возраст и етничка припадност, врз основа на податоците од пописот во 2021 година.