Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, рече дека во Гостивар останува целосната забрана за користење на водата.

– Агенцијата за храна и ветеринарство издаде наредба за забрана за користење на водата во Гостивар, што подразбира целосна забрана, и до моментот додека нема други насоки, Институтот за јавно здравје исто така се држи до овој став – рече Андоновска.

Таа појасни дека стручни екипи веднаш по барањето на Обвинителството зеле примероци од четири локации за микробиолошка и физичко-хемиска анализа. Како што посочи Андоновска, сите анализи се веќе завршени и се предаваат на истражните органи.

– Не е важно само да се одреди која е причината, туку многу поважно е да се утврди и одговорноста. Сочувствуваме со граѓаните на Гостивар, сметаме дека треба да имаат достоинствени услови за живот и никој не смее да биде причинител и да го загрозува нивното здравје – нагласи Андоновска.