Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека електронските услуги ќе станат секојдневие за граѓаните
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека електронските услуги ќе станат секојдневие за граѓаните, без шалтери, чекање и непотребна документација. Во интервју за Радио Слободна Европа, Андоновски истакна дека дигиталната трансформација влегува во фаза на конкретна и мерлива реализација, со јасни рокови, буџети и носители на проекти.
Како што посочи министерот, приоритет во наредниот период е проширување на порталот за електронски услуги со нови дигитални процеси, кои ќе овозможат автоматска достава на решенија и уверенија, без физичко присуство на граѓаните во институциите.
„Целта е документите да се добиваат брзо, едноставно и електронски. Е-услугите треба да бидат правило, а не исклучок“, нагласи Андоновски, најавувајќи дека нова серија електронски услуги ќе биде промовирана веќе следната недела.
Во интервјуто беше истакнато и дека сајбер-безбедноста станува државен приоритет, по години на импровизации и недостиг од системски пристап.
Според Андоновски, за првпат се воспоставува јасна законска рамка со безбедносни стандарди, обуки и оперативни тимови, со цел заштита на податоците на граѓаните и институциите.
„Безбедноста е предуслов за успешна дигитализација“, посочи министерот.
Третиот столб на дигиталната трансформација, според најавите, е системското воведување на вештачката интелигенција во институциите. Во тек се активности за развој на национален модел на македонски јазик, како и дигитални решенија што треба да ја забрзаат работата на администрацијата и да го намалат административниот товар за граѓаните.
Станува збор за проекти планирани за 2026 година, кои веќе влегуваат во фаза на реализација. „Суштината на дигиталната трансформација е повеќе време за граѓаните и помалку време изгубено во бирократија“, порача министерот Андоновски.
