На денешната седница на Советот на Град Скопје советничката од редовите на ВМРО-ДМНЕ Емилија Ангелова упати две советнички прашања и тоа првото до Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и второто советничко прашање го упати до Директорот на КИЦ.

„Прашањето мое до градоначалничката на Град Скопје е кога ќе се објави јавниот повик за да можат граѓаните да аплицираат на повикот судејќи според тоа што Јануари и Февруари веќе се во одминување, а се најкритичните месеци за затоплување и потрошувачка на електрична енергија. Доколку е веќе објавен јавен оглас и ако веќе е објавен кога е тој оглас распишан? Дали и колку граѓани аплицирале и дали воопшто се распределени средствата?“, запраша Ангелова.

Таа додаде дека упатеното прашање е врз основа на донесена одлука на седница на совет на 27.12.2022 година за субвенционирање на сметка за струја на социјално ранливи категории во висина од 25 милиони денари.

Ангелова второто советничко прашање на денешната седница на Советот на Град Скопје го упати до директорот на КИЦ.

Таа посочи дека од јавно достапни документи од јавни набавки и склучени договори, склучен е договор на 16.08.2022 година во висина од 1.063.000 илјади денари и при тоа договорот е склучен со фирмата „Арбериа Дизајн“.

„Моето прашање би било поради тоа што се работи за реконструкција на КИЦ односно дел е реконструкција а дел е користење на опрема во КИЦ. Така зошто не се искористи опремата од Универзална сала Опрема која е на располагање? За да не се користат финансии дополнително за кои се залагаме и да не се оптеретува буџетот“, запраша Ангелова

Таа вели дека покрај можноста да се искористат ресурсите од Универзална сала тоа не било направено, туку бил склучен договор за јавна набавка по овој основ.