Иранскиот предлог до САД за повторно отворање на Ормускиот Теснец сè уште е на маса, изјави денеска шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи. Според него, доколку Вашингтон ги прифати условите на Техеран, пловниот пат би можел повторно да биде отворен во рок од шест дена, а преговорите да продолжат следниот ден.
Арагчи им се обрати на иранските новинари во Багдад, каде што присуствува на состанокот на Организацијата за исламска соработка. Тој рече дека ставот на Иран е „јасен и се заснова на предлог во седум точки претставен пред САД“.
„Тие ги доставија своите коментари, кои ние ги разгледуваме, но нашиот предлог останува на маса. Ако постои барем трошка искреност од американска страна – а ја нема – тогаш патот до повторното отворање на Ормуската Теснина е сосема очигледен“, рече Арагчи.
Иран го претстави предлогот кон средината на септември, по пропаѓањето на привременото примирје. Техеран подоцна потврди дека добил одговор од САД, но ирански претставници минатата недела соопштија дека преговорите се во застој, бидејќи Вашингтон не одговорил на сите седум услови за повторно отворање на теснецот.
Меѓу условите на Иран се укинување на американската блокада на неговите пристаништа, отстранување на санкциите за извозот на нафта и прекин на конфликтите на сите регионални фронтови.
„Доколку Вашингтон ги прифати условите на Техеран, Ормуската Теснина би можела повторно да се отвори во рок од шест дена, при што преговорите би продолжиле веќе следниот ден“, изјави Арагчи.
Главна точка на несогласување е барањето на Вашингтон иранската нуклеарна програма да биде вклучена во преговорите уште од самиот почеток.
