Аргентина обезбеди место во финалето на Светското првенство по драматичната победа над Англија со 2:1 во Атланта, но прославата на големиот успех би можела да ѝ донесе дисциплински проблеми на националната фудбалска асоцијација.
По завршувањето на полуфиналниот натпревар, на теренот се појави транспарент со порака „Las Malvinas son Argentinas“ (Малвинските острови припаѓаат на Аргентина), поради што ФИФА разгледува можност за отворање истрага.
Според „Мундо Депортиво“, светската фудбалска организација во наредните денови ќе ја разгледува ситуацијата, а пред да донесе одлука ги очекува официјалните извештаи од делегатите и останатите службени лица задолжени за натпреварот.
Контроверзниот транспарент бил држен и од неколку фудбалери на аргентинската репрезентација, меѓу кои Кристијан Ромеро и Џовани Ло Селсо.
Инцидентот се случи откако Аргентина со пресврт стигна до големото финале. Англија поведе во 55-тата минута со погодокот на Гордон и долго време го задржуваше водството, но јужноамериканската селекција успеа да го промени текот на натпреварот во завршницата.
Енцо Фернандез израмни во 85-тата минута со одличен удар од далечина, а потоа Лаутаро Мартинез го постигна победничкиот гол по нова асистенција од капитенот Лионел Меси, со што Аргентина избори пласман во финалето.
