Мицкоски: Во Брисел ќе ги заштитиме националните интереси
Премиерот Мицкоски во Брисел не носи план за македонските евроинтеграции, но вели дека на средбите со челниците од Европската комисија и работниот ручек со старо-новата претседателка Урсула Фон дер Лајен ќе застане во одбрана на македонските интереси. Додава дека аргументите се на наша страна и тие ќе бидат претставени, бидејќи фрустрациите на граѓаните се големи. Време е да се каже стоп на вештачки наметнатите пречки.
Мицкоски и Муцунски во Брисел – дали е на повидок гласање уставни измени?
Премиерот Мицкоски заедно со шефот на дипломатијата Муцунски со европските претставници ќе разговараат за правното толкување на заклучоците на Европскиот совет во кои се наведува дека Македонија нема да продолжи во втората фаза од преговорите за членство без уставни измени, односно за впишување на Бугарите во него. Со измени на највисокиот правен акт со одложено дејство, односно по ратификација на членството во ЕУ од сите земји-членки ќе се оневозможат дополнителни барања од Бугарија, велат од Владата. На состанокот во Брисел во фокусот е планот за раст, кој треба да ги забрза реформските процеси во Западен Балкан. Македонија ја достави реформската агенда во која се опишува како и кога ќе ги завршиме реформите неопходни за влез во ЕУ.
Фон Дер Лајен организира работен ручек
Во текот на утрешниот ден, Фон Дер Лајен ќе организира работен ручек во рамките на оваа посета. Ова следува откако вчера го соопшти новиот состав на Европската комисија. На ручекот поканети се македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, премирот на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти и на Црна Гора, Милојко Спајиќ, претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Преговарачка рамка
Неодамна еврокомесарот за проширување Вархеји изјави дека целта е во октомври да се одржат меѓувладини конференции со Србија, Албанија и можеби со Македонија. Предуслов е исполнување на обврските од преговарачката рамка. До крајот на годината, Марта Кос од Словенија ќе биде нов комесар за проширување и соседска политика и ќе го замени Вархеји. Беше предложена од претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен.