Асфалтирање на сите улици и олеснување на пристапот до своите домови, реконструкција на водоводната мрежа, решавање на проблемот со канализација, која во моментов се излева по улиците во скопската населба Топаaна и овозможување на чиста и здрава животна средина, се дел од клучните барања на кои тамошните жители бараат итни решенија, а ги истакнаа денеска на средбата со независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска.

– Зошто во населба Топаана, која се наоѓа во близина на централното градско подрачје, денес се уште нема соодветна водоводна мрежа, канализација и граѓаните газат по кал на улиците, а детското игралиште е претворено во дива депонија која никој не ја чисти, се прашања на кое треба да одговорат градските власти кои ги заборавија овие граѓани и воедно, им немаат овозможено основни услови за живот. Додека во еден дел од градот нерамномерно се вложува, некои делови на Скопје се заборавени и се соочуваат со проблеми кои треба да бидат заборавени во минатиот век. Се обврзувам на решавање на сите овие проблеми со брзи и ефикасни решенија кои ќе значат конечно надминување на затекнатите состојби. Скопје повеќе нема да биде град на заборавени населби и секој еден граѓанин ќе ги добие потребните услови за достоен живот во едно современо Скопје, како што заслужуваме сите, истакна Арсовска на средбата со граѓани во Топаана.