Охрабрен сум од фактот дека партиите со нагласена националистичка агенда не беа наградени од страна на бугарските гласачи, вели во интервју за МИА шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг.
– Ќе видиме како и кога ќе може да се формира нова влада во Бугарија. Кога и да се случи, двете страни не треба да губат време и треба да преземат конкретни чекори за меѓусебно приближување со цел да се ослободи патот за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ што е можно побрзо, вели Шаленберг на прашањето колку се реални очекувањата да ги започнеме преговорите со ЕУ за време на португалското претседателство.
Според него, важно е да се најде решение на билатерално ниво помеѓу Бугарија и Македонија без да се воведуваат овие прашања во процесот на проширување, а дали е потребно посредништво од трета страна, тоа вели, двете земји самите треба да го просудат.
– Доколку дојдат до таков заклучок, Австрија е секогаш подготвена да ги понуди своите капацитети, посочува Шаленберг.