Претседателите на Соединетите Американски Држави и Кина, Џозеф Бајден и Си Џинпинг денеска ќе се сретнат на имотот Филоли јужно од Сан Франциско, каде околу четири часа ќе разговараат за билатерални и глобални прашања, информираат извори запознаени со планот на средбата, изјави за Гласот на Америка (VOA).
Бајден и Кси ќе се сретнат на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) чиј домаќин е Сан Франциско.
Имотот Филоли опфаќа 265 хектари природа и вклучува палата во архитектонски стил на колонијална преродба, со англиски ренесансни градини, овоштарник од 2,8 хектари и патека за пешачење долга 1,6 километри.
Кси и Бајден пристигнаа во Сан Франциско вчера, пред средбата која ќе опфати работен ручек, обиколка на имотот и блиска средба со присуство на советникот за национална безбедност Џејк Саливан и државниот секретар Ентони Блинкен.
Кинескиот претседател треба да присуствува на два приеми со избрани лидери во американската деловна заедница и општество подоцна денеска.
Се очекува американски владин претставник да го претстави Кси, пред кинескиот лидер да им се обрати на „американскиот и кинескиот народ“, изјави за Гласот на Америка еден од поканетите учесници, кој побара да остане анонимен.
Кинеските власти побараа поинаква локација за разговорите од онаа на која се одржува самитот на АПЕК и подолг состанок од минатогодишниот состанок во Бали, Индонезија. Минатиот ноември Бајден и Кси разговараа три часа на маргините на самитот на Г-20.
Лидерите на САД и Кина се состануваат во време кога има многу несогласувања меѓу двете земји, вклучително и за Тајван, трговијата, технологијата и човековите права.
Американските власти нагласуваат дека целта на Вашингтон е одговорно да го реши прашањето за конкуренцијата со Кина.
Сепак, од Владата во Пекинг велат дека конкуренцијата не треба да ги дефинира односите меѓу двете најголеми светски економии.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, оваа недела на прес-конференција во Пекинг изјави дека „конкуренцијата на големите земји“ е против актуелниот тренд и не нуди решение за „проблемите во Америка или предизвиците во светот“.