Опозициската ДУИ побара одржување на предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори во октомври. Од партијата предупредуваат дека земјата оди во „погрешна насока“ и дека е неопходна итна политичка стабилизација за спас на европската перспектива.

„На земјата ѝ е потребна долгорочна политичка стабилност што може да се обезбеди само преку предвремени парламентарни избори. Така ќе се овозможи повеќегодишен период без избори и ќе се даде шанса за спас на европската агенда“, соопштија од ДУИ.

Според нив, само нов политички мандат може да донесе вистинска посветеност кон реформите и враќање на земјата на патот кон ЕУ.

Од Коалицијата Вреди реагираа дека барањето на ДУИ за предвремени парламентарни избори произлегува од стравот од прочистување на институциите. Според нив, интегративците се соочуваат со крајот на својата „распадната“ политика.

„Вреди е тука за да ја спроведе промената што Албанците ја бараа. Ќе победиме во сите албански општини, со чисти раце и чист образ“, порачаа од Коалицијата.

Подготвеност за предвремени парламентарни изразија и други партии од Европскиот фронт, како и македонската опозиција.

Од друга страна, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека Владата е стабилна и дека ги исполнува очекувањата на граѓаните, отфрлајќи ја потребата од нови избори.