До крајот на месецот ќе биде готов новиот антикризен пакет, на кој во моментов интензивно се работи, најави министерот за економија Крешник Бектеши. Тој лично сака што е можно повеќе граѓани да бидат опфатени со новите мерки кои ќе им помогнат да се справат со инфлацијата и цените, но вели дека се зависи од буџетските можности. Бектеши се пофали дека цените на храната се намалуваат и тоа не само на оние кои се опфатени со владините одлуки. Затоа тој е убеден дека до крајот на годината инфлацијата не само кај храната, ќе се намали на 5 отсто.
-Ребалансот на Буџетот е веќе готов и во него се предвидени одредени средства за да им се помогне на граѓаните. Работиме и со синдикатите и со коморите и потоа Владата ќе ја донесе конечната верзија на мерките – истакна Бектеши, кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски ја посетија една од најуспешните компаниии од месната индустрија „Мис Глобус ДОО“.
МИС Глобус веќе има инсталирано 200 киловатна централа и се во фаза на нова инвестиција за уште еден толкав капацитет, со што покриваат 40 отсто од потребите од сопствено производство на енергија – посочи Ковачевски и додаде дека со тоа се вклопуваат во напорите на Владата за чиста и одржлива енергија. Тој ги повика и другите компании да го следат примерот на оваа компанија и да обезбедат енергетска независност.
-Оваа компанија со помош на средствата од ИПАРД во висина од 65 илјади евра се одлучи да постави фотоволтаичен систем и соларни панели, со што ги намали трошоците за производство.
Во МИС Глобус работат 40 работници и имаат потреба за уште педесеттина, а Владата ќе продолжи да ги поддржува домашните компании, рече Ковачевски, кој ја пофали компанијата за нејзининото учество во владината мерка за „гарантирани цени“.