Изминатата 2022 година е најуспешната година на европските интеграции во историјата на нашата земја и е клучна пресвртница во нашите односи со ЕУ. Во тековната 2023 година не очекува успешен завршеток на скринингот и креирање на неопходните документи за отворање на првиот кластер, обезбедување на вистински политички консензус за ЕУ и уставни измени и максимално искористување на сите можности за финансиска помош од ЕУ, оцени вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на првиот панел „ЕУ интеграции и реформски процеси“ во рамки на дводневната годишна конференција „Година на нови можности”, во организација на Владата.

Тој нагласи дека земјава добива околу 100 милиони евра годишно европски пари и додаде дека ЕУ е најголем и најбитен инвеститор во нашиот развој. Европските пари од ИПА, како што рече, треба да и помогнат на државата да ги изведе тешките реформи, а нивниот фокус треба да остане на инфраструктурата и енергетиката.

Како клучно прашање тој го истакна зајакнувањето на кадрите во јавната администрација во делот на евроинтеграциите кои, како што посочи, си ја знаат работата и имаат повеќегодишен континуитет.

– Ако успееме во јавниот сектор да ги задржиме оние кои работат и се вредни, а да ги замолиме да го напуштат оние кои не работат сме завршиле пола од работата. Тоа ќе биде најдобрата инвестиција зашто секоја влада ќе може да се потпре на тие вредни работници, рече Маричиќ.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска во видео обраќање посочи дека изминатата година биле сконцентрирани на дигиталната трансформација на општеството, антикорупциските политики, како и на градење на професионални, транспарентни, одговорни и отчетни институции. Клучни им биле и транспарентноста, одговорноста, ефикасноста и ефективноста, владеењето на правото, интегритетот, инклузивноста и градењето консензус и достапноста за граѓаните.

– Морам да истакнам дека особено се посветивме на унапредување на транспарентноста на институциите, за што веќе има и конкретни резултати, но и во делот на јакнење на интегритетот не само кај избраните и именуваните функционери во Владата, меѓутоа и кај младите кои мора да бидат движечка сила на промените. Овој процес не е лесен. Не е лесно да се промени свеста преку ноќ, но јас верувам дека сме на добар пат, заеднички и со граѓанскиот сектор и со силна поддршка од нашите меѓународни партнери да постигнеме напредок, рече Грковска.

Таа нагласи дека е неопходен силен општествен консензус околу воспоставување на принципите на добро владеење на секое ниво, во секоја институција и област.

– Секое работење мора да биде базирано на транспарентност, отчетност, владеење на правото, ефикасност и ефективност. Граѓаните се веќе суперсензитивни на корупција, на недомаќинско работење, на секаков вид злоупотреби на службената должност. Во соработка со надлежните институции веќе се работи на решенија и политики кои ќе овозможат корупцијата да стане неисплатлива. Јас немам илузии дека корупцијата може од корен да се искорени, но верувам дека таа може да се намали, порача Грковска.

Основата на дигиталната трансформација на општеството, како што рече, е воспоставување на електронски идентитет за секој граѓанин.

– Со надградба на личната карта, која што ќе може да се користи и за електронска идентификација и за електронско потпишување, ќе се овозможи пристап до сите дигитални услуги, посочи Грковска.

Министерот за правда Никола Тупанчевски истакна дека токму дигитализацијата на судството е еден од факторите кои можат да придонесат во однос на сузбивањето на криминалот и корупцијата и додаде дека АКМИС системот и „Кејс менаџмент“ системот во судството се двете алатки кои покажуваат во која фаза во постапката се наоѓа секој предмет. Од 1 јануари годинава, како што кажа, АКМИС системот за автоматска распределба на предметите е воведен и во Јавното обвинителство.

– Првичните резултати од неговото воведување покажуваат дека се движиме во вистинска насока, рече Тупанчевски.

Во однос на ветингот во судството тој рече дека треба да бидеме внимателни ако се потпреме на искуството на Албанија, каде процесот почна во 2017 година и се уште не се постигнати очекуваните резултати и единствено се останати без судии и јавни обвинители.

– Треба да има проверка, а допрва треба да одговориме за начинот на кој тоа треба да го правиме ветингот. Дали ќе биде парцијален само за судии и јавни обвинители или ќе се однесува на сите избрани лица. Дали би го правеле со постојната регулатива или со нов закон и дали со постојни капацитети или со дополнителни. Секако за ветингот треба да има четири задолжителни стандарди или критериуми – интегритет, квалификации, поврзаност со организиран криминал и имотната состојба на судиите и јавните обвинители, потенцира Тупанчевски.

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски рече дека целта на МИОА е создавање на модерна јавна администрација базирана на дигитализација и додаде дека можност за размена на дигитални податоци во моментов имаат 52 институции од кои 27 се приклучени во текот на минатата година.

– Цврсто сме решени да ги користиме предностите на ИКТ индустријата за создавање на дигитално општество и веќе ја изработивме Нацрт национална стратегија за ИКТ со која се очекува да се постигне европскиот просек на тоа поле, рече Бајдевски.

Тој нагласи дека во континуитет се одвива реформата на јавна администрација.

– Процесот не е запрен и сметам дека сме одлучни да ја професионализираме администрацијата. За да ги оствариме тие цели тука е и драфт верзијата за плати во јавната администрација. Се надевам дека во разговор со синдикатите ќе најдеме решение кое ќе биде квалитетно и ќе ни овозможи да ги зачуваме квалитетните кадри во администрацијата. Изминатиот период напорно работевме, а ќе продолжиме и во иднина за еден ден да биде реалност. Новата методологија за пристапни преговори ни оди во прилог. Ќе имаме зголемен притисок на нашата работа со цел да бидеме поефикасни и поефективни, рече Бајдевски