Оваа недела Обединетите нации беа политичкото средиште на светот, а една од главните теми што доминираше во дебатите несомнено беше руската агресија врз Украина, која покажа како разорната сила од војната лесно се прелеа во економијата на секоја држава во светот при што ниту една не беше поштедена, изјави во Њујорк вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, кој учествува на годинешното 78. Генерално собрание на ОН и самитот за одржлив развој.
Но штетите, како што вели, беа помали кај оние кои во својата економска структура имаа развиено одбранбен механизам на надворешни шокови, независно од тоа дали тие се предизвикани од економски, еколошки или геополитички потреси.
Вицепремиерот Битиќи во изјавата, за која информира владината прес-служба, посочува дека тој заштитен механизам се вика отпорност на економијата, а до таа отпорност, нашата македонска економија најбрзо може да дојде само преку забрзување на евроинтеграциските процеси и полноправно членство во Европската Унија.
Членството во ЕУ најнапред ќе ни овозможи пристап до најголемиот единствен пазар во светот од 500 милиони потрошувачи, што ќе обезбеди разновидна база на потрошувачи на наши производи и услуги. Раширената мрежа од трговски договори, намалените трговски бариери ќе помогне да се надоместат загубите од евентуални идни шокови. Регулаторната хармонизација, конзистентните стандарди и практики во различни индустрии, може да биде уште еден извор на отпорноста на нашата економија, истакна Битиќи.
Вицепремиерот изјави дека горенаведените се само дел од економските придобивки кои Северна Македонија може да ги добие, со кои, како што додава „ќе ја зајакне сопствената способност да се движи низ глобалниот економски пејзаж кој брзо се менува, и да го заштити животниот стандард на нашите граѓани и во услови на кризи и конфликти, за кои деновиве се зборуваше во Обединетите нации“.
Извор: Frontline.mk.