Утре во Влада, министерот за економиjа Крешник Бектеши ќе треба да реферира за сè што е поврзано со одлуката за спојување на концесиите за „Иловица – Штука“, што на 27 јуни заедно со колегите ја изгласаа како дополнителна точка на владина седница, а потоа, дел од министрите тврдеа дека не биле темелно запознаени за што гласале и побараа ревизија за одлуката

Во пресрет на редовната владина седница, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска на новинарско прашање посочи дека треба да се почека до утре, за да се знае какви чекори ќе преземе Владата . Тој немаше конкретен одговор колку време траела расправата за спојување на концесиите на седницата на 27 јуни.

„Точката беше на дневен ред и имаше одредена расправа. Не можам да кажам колку време траеше. Искрено, никој не брои на минути за расправи на точки на дневен ред, но имаше одредена расправа. Утре сигурни ќе има многу повеќе расправа за оваа точка“,

кажа Битиќи.

Тој посочи дека не ја знае процедурата, дали би следувале потпишување на анекс за договорот за рудниците ниту пак дали државата би плаќала пенали ако не се случи тоа. Сепак, уверува дека доколку граѓаните не сакаат, тогаш рудник нема да има и дека Владата е подготвена да помогне за жителите од тој регион на референдум да се изјаснат.

„Утре имаме седница на Владата за којашто министерот Бектеши беше задолжен да реферира за сите судски и други правни постапки коишто се преземени за ‘Иловица’ наназад – од 2012 до денеска. Откако ќе ги слушнеме сите моменти, ќе се знае следниот чекор. Ние кажавме, ставот е јасен – ако граѓаните кажат дека не сакаат да има рудник, ние соодветно ќе постапиме кон тоа. Мислам дека еднаш таму имало изјаснување на граѓаните, ние сме спремни да помогнеме сите граѓани од целиот тој регион да се изјаснат на референдум, да кажат дали сакаат или не сакаат да има рудник во тој регион“,

рече Битиќи.

Бектеши е на став дека спојувањето на концесиите е исправна одлука и различна од давање дозвола за експлоатација. Тој тврди дека се работи за административно спојување и дека на тој начин државата избегнува нови спорови. Двете концесиите се една целина, односно првата концесија е во самото концесиско поле на втората, што им дава законска можност на инвеститорите да побараат спојување, рече Бектеши на брифинг со новинарите минатата недела.