Нетанјаху ја цени меѓународната поддршка во одбраната на Израел од нападот на Иран, но изјави дека неговата земја сама ќе ги донесе одлуките како ќе одговори.
„Им благодарам на нашите пријатели за поддршката. Тие имаат секакви предлози и совети, но сакам да разјаснам дека ние самите ќе ги донесеме нашите одлуки и државата Израел ќе направи сè што е потребно за да се одбрани“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Во обид да се избегне ескалација во регионот, ЕУ воведува нови санкции против Техеран.
„Решивме да воведеме санкции против Иран. Ова е јасен сигнал што сакаме да го испратиме. Сакаме да направиме се за да ги заштитиме цивилите“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.
Блискиот Исток тема и на состанокот на министрите за надворешни на групата Г7 во Италија.
„Ние сме пријатели на Израел и против нападот кој се случи. Но, ова е победа за Израел, сега треба да работиме напорно за деескалација“, изјави Антонио Тајани, министер за надворешни работи на Италија.
Борбите во Појасот продолжија. Напади и на израелско-либанската граница. Катар најави дека ја преиспитуваат својата улога како посредник, обвинувајќи ги некои од страните дека го „злоупотребуваат“ за да добијат политички поени. Соопштија дека преговорите моментално се прекинати.
„Видовме злоупотреба на ова посредување во корист на тесни политички интереси. Ние сме посветени, но има и граници на нашата улога и на способноста да придонесеме за овие преговори“, изјави Мохамед Бин Абдулрахман Ал Тани, премиер на Катар.
Конфликтот на Блискиот Исток се разгоре по нападот од Хамас врз Израел на 7-ми октомври, по што Тел Авив почна воена офанзива во Појасот Газа.