Организаторите на четиричасовниот предупредувачки штрајк, кој ќе трае до 19 часот, велат дека под притисок на камионџиите, кои биле изложени на секојдневни тортури, биле принудени да се организираат и да го кренат гласот за полесен проток на транспортниот сообраќај и пократко задржување на возачите на граничниот премин Евзони за влез во Грција.
Доставија барања до грчките власти кои доколку не бидат прифатени во рок од 48 часа ќе предизвикаат разгледување и преземање на порадикални мерки од страна на асоцијациите на камионџии од двете земји.
– Нашите три приоритетни барања се враќање на нон стоп работното време на ГП Евзони,да се отворат со целосно или делумно работно време граничните премини Дојрани и Меџитлија и на возачите да им се мери температура на влез во Грција,а тест да се прави само доколку има симптоми за тоа,рече управителот на АМЕРИТ, Љефтер Андонов.
Ако не бидат прифатени нашите барања за слободен проток на стоки и хуман третман на возачите,следниот штрајк ќе биде со целосно блокирање на ГП Богородица, а се разгледува и можноста со грчките колеги да се блокира и ГП Промахонас, посочија од АМЕРИТ.