Комплетирањето и модернизацијата на патниот и железничкиот Коридор-8 како стратешки проект од национален интерес, како и имплементација на Интелигентниот транспортен систем долж Коридорот-10, беа во фокусот на средбата на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски со американската амбасадорка во државава Кејт Мери Брнз.
Министерството за транспорт и врски соопшти дека Бочварски и Брнз разговарале за реализацијата на капиталните проекти во земјава кои се од големо значење за развој на домашната економија, регионалното поврзување, но и подобрување на урбаното живеење во општините.
– Поддршката што ни ја даваат САД на нашиот пат кон ЕУ интеграцијата е огромна. Соработката е на одлично ниво. Како земја која претендрира да стане членка на ЕУ имаме многу предизвици, особено во делот на инфраструктурните проекти, кои се многу значајни за нас и кои ќе придонесат за поефикасно регионално поврзување со соседите. Со поддршката од нашите пријатели продолжуваме на патот на развојот и просперитетот, вели во пишана изјава министерот Бочварски.
Со амбасадорката Брнз ја истакнаа и важноста од развојот на инфраструктурата заради полесна интеграција на земјата во европските патни и железнички системи. Заеднички ја потврдиле одличната соработка со заложба дека добрите меѓусебни односи ќе продолжат и дополнитено ќе се продлабочат во периодот што следи, информира Министерството за транспорт и врски.