Се уште е во изработка е извештајот на експертите за автопатот Охрид-Кичево. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски очекува неделава да биде доставен до ЈПДП и Министерството, по што ќе се разгледа на седница на Влада.
-Сите одлуки и идни чекори ќе ги носиме заеднички со Владата. Ќе ја презентираме целата моментална состојба. Идните чекори ќе дојдат, пред се од, експертите кои што ќе дадат насоки како да продолжиме со најдобрите решенија. Автопатот ќе биде завршен, но притоа, мораме да ги запазиме сите процедури на експертите и по планот кој што ќе го дадат, рече денеска Бочварски.
Министерот истакна дека се уште не може да се зборува за раскинување на договорот со кинеската компанија Синохидро, се додека извештајот не биде разгледан.
Автопатот со кој требаше да се поврзат Кичево и најголемиот туристички центар Охрид, во западниот дел на земјата, пред десет години беше најавен како најголема инфраструктурна инвестиција во изминатиот половина век, која ќе придонесе за побрз економски и туристички развој.
Изградбата на автопатот започна во 2014 година, во меѓувреме се потпишаа 4 анекси на договорот, со кои цената скокна од 400 на 600 милиони евра, а рокот неколку пати беше пролонгиран. Последен датум за финиш беше 31 декември годинава.