Одговарајќи на новинарски прашања пред денешната стручна дебата за новиот закон за градење, Бочварски рече дека Министерството не може да блокира или стопира урбанистички планови, туку дека тоа е исклучиво надлежност на локалните самоуправи.
Секоја општина, вели, има легитимно право да донесе урбанистички план, да го промени или да побара суспензија.
– Министерството за транспорт и врски не носи детални урбанистички планови во Центар, ниту суспендира детални урбанистички планови во која било општина. Тоа исклучиво го прави општината со Советот на општината. Не случајно кажавме дека Општина Центар има можност сама доколку смета да си донесе одлука каква што треба да донесе. Исто така, не мора која било општина да тргне во насока на супензија на одредени планови за да блокира нешто, туку може во кој било момент да започне постапка за преработка, доработка или нов урбнанистички план на таа локација, рече Бочварски, додавајќи дека ова и било предочено на Општина Центар.
Вели дека треба точно да се лоцираат штетите по јавниот интерес, а во однос на тоа дали градоначалникот на Центар ја замајувал јавноста, Бочварски со став дека градоначалникот има свои ингеренции и со тоа можел да делува во целиот изминат период со Советот на општината.
– Тие носеа серија на одлуки, вклучувајќи ја и онаа за мораторумот на плановите во Општина Центар, така што тие се бореа во однос на ова прашање, но по одлуката на Уставниот суд за стопирање на ваквата постапка за мораторумите, беше јасно дека сите урбанистички планови се во сила. Така што, апсолутно не би сакал да навлегувам во постапките на Општина Центар. Тоа се нивни одлуки, одлуки кои треба да се дискутираат во Советот на Општина Центар за тоа што е најдобро за граѓаните на Центар, рече Бочварски.