Поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, е осомничен дека ја злоупотребил службената положба при тендерска постапка вредна над 300.000 евра и дека за тоа примил награда во износ од 111.600 денари, односно околу 1.800 евра. Освен Богоев, осомничени се уште три лица, кои, според наводите, ја изиграле постапката и ја фаворизирале фирмата „РЕМОНДИС МЕДИСОН“ од Битола, која го добила договорот за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали.

Обвинителството тврди дека тендерската постапка била насочувана во корист на избран понудувач

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопштија дека, според обезбедените докази, првоосомничениот ја користел својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа за да влијае врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач.

„Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката. Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание“, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Во случајот се споменуваат уште три лица

Според информациите, помошник-директор во тој период бил Семир Мура, кој сега е советник во Царинската управа и е потпишан на договорот со „РЕМОНДИС МЕДИСОН“, фирма која го добила тендерот во мај 2024 година. Управител на битолската фирма бил Димитар Георгиевски, додека осомничениот вработен е Александар Спирковски, познат како Џемо.

Според Финансиската полиција, која ја поднела кривичната пријава, Спирковски и управителот Георгиевски влијаеле кај Мура и му ветиле подарок нему и на Богоев.

Финансиската полиција со детали за периодот на наводното примање корист

Од Финансиската полиција соопштија дека пријавениот С.Б. во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе.

„Пријавениот С.Б., во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година, директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С.М“, соопштија од Финансиската полиција.

Извор: Телма ТВ