Граѓаните ќе користат мобилен интернет и повици по домашни цени во земјите од ЕУ

Македонија го започна процесот за приклучување кон европската иницијатива „Роаминг како дома“, со која се очекува значително намалување на трошоците за користење мобилни услуги во странство.

Како што истакна пратеничката Драгана Бојковска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните со ова ќе добијат директни придобивки при патување во земјите од Европската Унија.

„Со ова ќе им се овозможи на граѓаните да користат мобилни услуги, повици, интернет и СМС-пораки во земјите од ЕУ, по цени како домашните“, рече Бојковска.

Таа додаде дека мерката ќе донесе пониски трошоци, полесна комуникација и подобри услови за прекугранична соработка.

Усогласена законска рамка – Македонија подготвена за следната фаза

Бојковска посочи дека Владата веќе ја завршила својата обврска во процесот преку усогласување на законската рамка со европските директиви во областа на електронските комуникации.

„Со усогласувањето на домашната законска рамка со европските директиви и регулативи во областа на електронските комуникации, Владата го заврши својот дел од обврските и ја подготви Македонија за следната фаза од процесот на приклучување кон европскиот роаминг простор“, истакна таа.

Разликата е очигледна

Во своето обраќање, пратеничката порача дека политиките на ВМРО-ДПМНЕ носат конкретни резултати за граѓаните.

„Разликата е очигледна“, рече Бојковска, додавајќи:

„Додека од СДС се уште се обидуваат да ја убедат јавноста дека европската агенда е нивен приоритет, и покрај фактот што зад себе имаат оставено само неисполнети ветувања, ВМРО-ДПМНЕ работи на конкретни придобивки за граѓаните.“

Таа нагласи дека европските процеси, како што рече, се водат со „работа, реформи и конкретни чекори“, а не со декларативни изјави.

„Овој процес е уште еден доказ дека кога институциите се водат одговорно и домаќински, резултати има. ВМРО-ДПМНЕ нуди политики кои имаат директен бенефит за граѓаните и конкурентноста на македонската економија“, истакна Бојковска.

На крајот, таа порача дека партијата останува посветена на модернизацијата, дигитализацијата и европската иднина на Македонија.