Две дијаметрално спротивни слики од глобалната пандемија.

Директорите на болниците во Њу Делхи и лекарите кои ги раководат ковид одделенијата преку социјалните мрежи испраќаат итни апели за кислород за своите пациенти, чии животи се во опасност.

Најмалку 12 луѓе, меѓу нив и еден доктор, починале откако една од реномираните болници во градот ги потрошила сите залихи од кислород.

Пред болниците, семејствата на пациентите за кои не може да се најде слободен кревет, на сите начини се обидуваат да набават кислордни боци за своите блиски а во редици чекаат и по 12 часа.

Повеќето од големите болници зависат од дневните дози кислород и немаат никакви резерви за можни итни случаи. Ситуацијата е уште полоша во помалите болници, кои единствено зависат од кислородните боци и немаат централизиран дотур на кислород.

-Кога случаите започнаа да растат, мислев дека владата има план, но излезе дека немале план. Уште во првата недела, сфатив дека владата нема идеја, не се подготвени за ништо, затоа што во ниту една болница немаме доволно респиратори а да не не зборуваме за тоа што е потребно во еден град или во целата нација – вели една жителка на Њу Делхи.

Пандемијата во меѓувреме не покажува знаци на ослабување. Само во Њу Делхи вчера се пријавени повеќе од 20 000 нови случаи и над 400-тини мртви.

Вистинските бројки се драстично поголеми, предупредуваат епидемиолозите.

Секојдневно се поставуваат рекордни бројки на починати а Индија стана и првата земја во светот која во еден ден пријави над 400 000 нови случаи.

Во Европа, ситуацијата драстично поинаква.

Франција денеска започна со намалувањето на рестрикциите .

Во Обединетото Кралство, каде епидемиолошката ситуација е се подобра, се разгледува и можноста за одржување на традиционалните музички фестивали во текот на летото.

Повеќе илјади луѓе присуствуваа на музички фестивал во Ливерпул, без задолжителните маски и социјалната дистанца.

5 000 билети беа продадени за жителите на Ливерпул, кои морале претходно да достават негативен ПЦР тест за Ковид 19, направен најмногу еден ден порано.

Според актуелните рестрикции во Англија, максимум 6 луѓе може да се сретнат на отворено а од 17-ти мај, бројот на луѓе ќе се зголеми на 30 луѓе.