Средба со „Шеврон“ за нови инвестиции и зајакнување на енергетската безбедност

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска во Вашингтон се сретна со претставници на Chevron Corporation со цел да се разгледаат нови можности за енергетска соработка. Средбата беше насочена кон обезбедување стабилно снабдување со нафта и течен природен гас (LNG), како и кон унапредување на конкурентноста и безбедноста на македонскиот енергетски пазар.

Разговорите се фокусираа на диверзификација на снабдувањето, можности за поголемо присуство на американски компании, потенцијални нови инвестиции и долгорочна стабилност во енергетскиот сектор.

Божиновска истакна дека „Македонија е отворена за партнерства кои ќе донесат сигурност во снабдувањето и ќе создадат поконкурентен пазар“.

Средбата, која вклучи и онлајн учество на водечки претставници од Пекинг и Мадрид, ја покажува сериозноста на Chevron за соработка со Македонија. Од компанијата присуствуваа Брајан Еснер, генерален менаџер за LNG Origination, Лем Смит, потпретседател за меѓународни владини односи, и Стив Кеил, сениор менаџер за меѓународни владини односи.

Македонската делегација ја сочинуваа, покрај министерката, Горан Николовски, раководител на секторот за гас, и Недим Рама, директор на НОМАГАС, кои ќе ја следат понатамошната реализација на договорените точки.