Не мирува нападите во Украина и покрај најавеното „божиќно примирје“. Руските пропагандни центри, ширеа дезинформации дека рускиот претседател Владимир Путин, наредил да се воведе „режим за прекин на огнот“ во цела територија во Украина од 12:00 часот на 6 јануари до 24 часот на 7 јануари.
Според Генералштабот на вооружените сили на Украина, и покрај наредбата за „прекин на огнот“, во текот на изминатиот ден, руските сили извршиле девет ракетни напади, три воздушни напади и извршиле над 40 напади, користејќи повеќекратни ракетни системи за лансирање, насочени особено кон цивилна инфраструктура. Како резултат на нападите, пријавени се цивилни жртви.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во своето видео обраќање до нацијата, изјави дека деновиве светот повторно виде дека Русија лаже дури и кога привлекува внимание на ситуацијата на фронтот, пренесува Укринформ, повикувајќи се на прес-службата на претседателот.
„Светот деновиве повторно виде дека Русија лаже дури и кога со свои изјави го привлекува вниманието на ситуацијата на фронтот. Руско гранатирање на Херсон со запалива муниција веднаш по Божиќ. Удари на Краматорск и другите градови на Донбас – токму на цивилни објекти и токму кога Москва известуваше за наводниот „молк“ на нивната војска. Повеќе закани на руски функционери кон Европа и светот. Сето ова беше кога Москва зборуваше за наводното „примирје“, рече Зеленски.
Зеленски истакна дека ниту еден обид на Русија да манипулира со дипломатијата и политиката никогаш повеќе нема да даде резултат.
Божиќното примирје е лицемерно, а единствениот начин да се врати мирот е Русија да ги повлече војниците од Украина, тврди Западот. Рускиот претседател Путин се обидува да здивне со воспоставување на 36-часовен прекин на огнот, изјави американскиот претседател Бајден.
„Не сакам да одговарам на се што и да каже Путин… Тој беше подготвен да бомбардира болници, домови за стари лица и цркви на 25 декемви и за Нова Година… Мислам дека се обидува малку да здивне“, рече американскиот претседател Бајден.
Претходно советникот на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, Михаил Подољаки рече дека Кијив не прифаќа никаков мировен договор со Москва што ќе и овозможи на Русија да ја задржи окупираната украинска територија од руските сили, откако рускиот претседател Владимир Путин му нареди на министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, да воведе 36-часовен прекин на огнот на целиот фронт.
„Руската Федерација (Путин) под зборот разговор и нуди на Украина и на светот да го признаат нејзиното право да окупира странски територии и да го решат отсуството на правни последици за масовни убиства на странска територија. Тоа е целосно неприфатливо“, напиша Подољак на Твитер.
Украина и нејзините сојузници оценија дека Русија донела одлука за примирје за да добие на време.
Русија на 24 февруари минатата година ја нападна Украина. Досега немаше примирје на целата територија на Украина, но имаше локални договори за прекин на огнот, во април и во мај 2022 година кога цивилите беа евакуирани од фабриката во Мариупол.