Група од 120 британски милионери, меѓу кои поранешниот фудбалер Гери Линекер и музичкиот продуцент Брајан Ино, побараа од новиот британски премиер Енди Барнам да воведе повисоки даноци за најбогатите. Во отворено писмо тие наведуваат дека можат да си дозволат поголем даночен товар и дека дел од нивното богатство треба повторно да се инвестира во општеството и во јавните услуги.

Писмото го организирало движењето „Патриотски милионери“, кое се залага за воведување данок од два проценти на богатство поголемо од 10 милиони фунти. Потписниците нагласуваат дека не бараат повисоки даноци за луѓето кои секојдневно одат на работа, туку за најбогатите, чии приходи во голем дел произлегуваат од имотот и капиталот што го поседуваат.

„Не зборуваме за повисоки даноци за луѓето кои секојдневно одат на работа, туку за најбогатите, чии приходи произлегуваат од богатството што го поседуваат“, се наведува во писмото.

Милионерите порачуваат дека нивната иницијатива ја сметаат за патриотска и дека сакаат Велика Британија да напредува. Според нив, за успех се потребни инвестиции, а најголемиот неискористен извор на капитал се наоѓа токму кај најбогатите, преку богатството што сè уште не е соодветно оданочено.

„Милионерите се патриотска група. Ја сакаме оваа земја и сакаме да напредува. Но, успехот бара инвестиции, а главниот извор на неискористен капитал е кај нас – во неоданочениот потенцијал“, пишува во писмото.

Лидерката на Конзервативната партија, Кеми Бејденок, одговори дека е „повеќе од добредојдено“ Линекер да плаќа повисок данок. Таа додаде дека тој може едноставно да напише чек до државната благајна и дека никој не го спречува тоа да го направи.

Енди Барнам не ја исклучил можноста за воведување посебен данок за богатите. Неколку дена пред да биде избран за премиер, Линекер му го поставил ова прашање, а Барнам одговорил дека во одреден момент можеби ќе биде неопходно од најбогатите да се побара „малку повеќе данок“.

Во писмото се наведува и дека е потребен нов модел за распределба на богатството и моќта, со кој дел од ресурсите на најбогатите повторно би биле вложени во општеството. Потписниците се повикуваат и на сопствена анкета, според која мнозинството милионери се изјасниле дека сакаат да плаќаат повисоки даноци.

„Остана мал број луѓе со застарен економски начин на размислување, кои сакаат да го зачуваат секој можен денар… Оние што не гледаат подалеку од сопствениот интерес немаат место во обликувањето на идната Британија“, се наведува во писмото.

Во Велика Британија не постои единствена даночна стапка за милионерите, ниту сеопфатен данок на богатството. Наместо според вкупната нето-вредност, тие се оданочуваат според изворот на приходите, како што се платите, дивидендите и капиталните добивки. Бидејќи голем дел од богатството на најбогатите потекнува од капитални добивки или дивиденди, а не од плати, нивната ефективна даночна стапка понекогаш е значително пониска од номиналната.

Финансиски организации и политички институции и претходно предлагаа воведување годишен данок на богатството, меѓу кои и стапка од два проценти за имот поголем од 10 или 100 милиони фунти, но досега ниту една од овие иницијативи не била спроведена.

Приходите од работа повисоки од 125.140 фунти во Велика Британија се оданочуваат со највисока стапка од 45 проценти. Капиталната добивка од продажба на инвестиции или недвижности се оданочува со стапка до 24 проценти за даночните обврзници во повисоките категории, а за дивидендите важат посебни стапки што зависат од вкупниот даночен разред на поединецот.