Новиот бугарски министер за одбрана Димитар Стојанов денеска изјави дека Бугарија повеќе нема да испорачува оружје за Украина, оценувајќи дека војната не може да се реши на бојното поле.

На прес-конференција на која ги претстави приоритетите на Министерството за одбрана и на својот кабинет, Стојанов рече дека конфликтот во Украина се претворил во позициона војна со статични фронтовски линии, во која, според него, дополнителното вооружување не носи решение.

„Гледаме позициона војна и без оглед на тоа колку оружје е акумулирано, единственото нешто што се постигнува е загуба на човечки животи“, изјави Стојанов, пренесува „Софија глоуб“.

Тој порача дека е време страните во конфликтот да седнат на преговарачка маса и да се постигне, како што рече, праведен мир. Според Стојанов, улогата на Европската Унија во тој процес е исклучително важна.

„На Украина ѝ требаат повеќе луѓе, а не повеќе оружје. Има доволно оружје, па затоа не мислиме дека ќе обезбедиме повеќе оружје за украинската армија“, рече бугарскиот министер за одбрана.