Цената на пилешкото месо може да се зголеми и до 200 денари од килограм, вели Гоце Трајчев, претседател на Групацијата на производители и преработувачи на месо при Стопанската комора на Македонија.

Според него, како групација биле спремни за покачувањето на цената на месото кое почнало од втората половина на минатата година и уште трае.

-Цената никогаш не се движела во надолна линија. Килограм замрзнат пилешки стек во јуни беше 120 денари, а сега е 190, а новите најави се дека ќе биде 200 денари, информира Трајчев во гостувањето на емисијата „24 анализа“.

Тој изјави дека уште минатата година укажувале на овие состојби до надлежните и до Министерството за економија, но тогаш биле критикувани дека неосновано создаваат паника за инфлаторни ефекти.

-Најавувавме уште минатата година дека ќе има покачување за 30-40%. Зошто се тргна со оваа мерка, кога на ниво на Стопанска комора и надлежните институции ни беше кажано дека таква мерка не се планира, а потоа видовме дека се спроведува. Ситуацијата е сериозна, особено со цената на струјата, но таа не е единствена, додава Трајчев.