Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изрази отворено жалење што една земја членка на Европската Унија се претвори во заштитник на осомничени и осудени лица за криминал. Оваа реакција доаѓа по одбивањето на бугарските власти да постапат по македонската потерница за случајот со Ива Михаилова.

Во своето гостување во емисијата „Само интервју“, Тошковски беше прашан за институционалната соработка со бугарската полиција и официјалниот став на неговиот бугарски колега дека не планираат нејзина екстрадиција во Македонија.

„Мене ми е многу жал што една земја членка на Европска Унија е заштитник на сите осомничени и осудени за криминал. Тоа говори за нив, не говори за нас. Ние треба да си го држиме курсот којшто го држиме. Ние треба да сториме сѐ да си ја направиме Македонија подобро место за живеење. Мислам дека сме на прав пат. Со сето ова коешто го правиме, мислам дека сме на прав пат“, рече Тошковски.

Тошковски нагласи дека Македонија не претставува безбедно прибежиште за криминалци и посочи дека во текот на истрагата за бегството на Михаилова веќе истиот ден се потврдиле невистинитите тврдења на осомничената и нејзиниот правен застапник дека границата била помината на легален начин, воздржувајќи се од откривање понатамошни оперативни детали.

Во делот на техничкото опремување на граничните служби, Тошковски најави дека за два до три месеци се очекуваат видливи резултати од процесот на дигитализација, при што укажа дека дури 85 проценти од зелената граница на државата се протега низ планински реони и физички не е возможно целосно да се покрие без напредна технологија.

„Да почнеле со дигитализација пред 10 години, сега ќе бевме дигитализирани. Да почнеле со Полициска академија пред 10 години, сега веќе ќе имавме околу 1.500 до 2.000 обучени полициски службеници низ Полициска академија. Ако не и три, зошто да не и три“, рече Тошковски.

Министерот подвлече дека во соработка со европските партнери активно се реализираат активности за целосно модернизирање и зајакнување на граничната безбедност низ државата.