Наќе Чулев, поранешен министер во Министерството за внатрешни работи, денеска јавно ја истакна својата загриженост за работењето на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност. Тој укажува дека последните внатрешни истраги и известувањата доставени до Јавното обвинителство покажуваат сериозна и системска злоупотреба на државните безбедносни ресурси.

„Злоупотребата на државни ресурси за следење и прислушување на лидер на опозицијата и истакнати опозициски претставници, новинари, бизнисмени, обвинители, министер и кој ли уште не, не е изолиран инцидент и удар врз поединци, туку удар врз демократијата, слободата, владеењето на правото и довербата во институциите“, истакнува Чулев.

Тој посочи дека фабрикуваните и манипулирани досиеа не само што влијаеле на него и на неговите колеги, туку имале и колатерални ефекти врз семејствата, сопружниците и децата, ограничувајќи им работни места, визи и граѓански права.

„Денес, кога е евидентно дека ресурсите на службите брутално се злоупотребувале за политички, бизнис и лични интереси, повторно апелирам дека е неопходно да има целосна истрага, декласификација на дел од фабрикуваните материјали и санкционирање на нарачателите и извршителите“, рече Чулев.