Апел од трансплантацискиот тим во рамки на национална кампања

Д-р Александар Трифуновски, хирург-уролог и член на тимот за трансплантација, во рамки на националната кампања под мотото „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!“, упати апел за унапредување на органодарителството.

Тој нагласи дека органодарителството најчесто се случува во најтешките моменти за едно семејство.

„Чинот на органодарителство се јавува во најтешките моменти од животот на едно семејство. Лицето остава порака на своето семејство, а дава шанса за живот на друго лице или на повеќемина. Апелирам за унапредување на органодарителството. Најтешките одлуки во животот оставаат најсилна светлина позади себе“, вели Д-р Трифуновски.

Потребна е поголема доверба во системот

Азир Алиу истакнува дека пораката од здравствените работници е силен повик за зголемување на свеста кај граѓаните за дарување органи.

Тој посочува дека органодарителството претставува одлука во која продолжува надежта за живот.

„Органодарителството е длабока човечка одлука со која надежта продолжува да живее. Наша обврска е како институции да го развиваме системот, да работиме на зголемување на довербата и да создаваме култура во која дарувањето органи ќе биде препознаено како чин на солидарност, емпатија и највисока почит кон животот“, порачува министерот Алиу.