Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ ја поздрави изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ дека Косово ѝ е грабнато на Србија оценувајќи дека станува збор за принципиелно почитување на меѓународното право.

Дачиќ за Танјуг кажа дека не навлегува во тоа дали има Милановиќ внатрешнополитички причини за таквата изјава, но дека тоа е став на шеф на држава членка на Европската Унија и НАТО, што тој го поздравува.

„Го поздравувам како принципиелен став во насока на почитување на меѓународното право, кое гарантира неповредливост на суверенитетот и територијалниот интегритет на секоја држава“, кажа Дачиќ.

„На Косово е урнат меѓународниот поредок во кој сувереноста на државите е неповредлива, а границите непроменливи“, истакна тој.

Милановиќ вчера ја критикуваше меѓународната заедница за тоа што ја обвинува Русија за анексијата на црноморскиот полуостров Крим, а го грабнала Косово од Србија.

Неговата изјава предизвика одобрување во повеќето српски медиуми, кои објави наслови како: „Милановиќ: Го грабнавме Косово“, Милановиќ призна: Косово е грабнато од Србија“, „Милановиќ ја смени плочата, застана на страната на Белград“.