Во интерес на објективно информирање, Демократскиот сојуз ја известува јавноста дека не сега, туку пред повеќе од една година, на 13.02.2023 година, ја напуштивме коалицијата предводена од СДСМ.
-Причините за напуштање на коалицијата беа неисполнување на коалицискиот договор и погрешните политики на СДСМ, пред сѐ блокадата на измените на Изборниот законик со кој предлагавме Македонија да биде една изборна единица, противењето на реформи во правосудниот систем, високата криминализација и отсуството на борба против високата корупција, непринципиелната коалиција при реконструкцијата на владата и неводењето сметка за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта, како и блокадата на евроинтеграциските процеси со прифаќање на Преговарачката рамка без поширок граѓански и политички консензуз.
Инаку, за соработка и заеднички настап на претстојните парламентарни избори Демократскиот сојуз има приоритети меѓу кои се: темелни уставни реформи со донесување на нов Устав (без Бадентер и Балансер), реформи во судскиот систем и реизбор на судиите и обвинителите, изградба на ефикасен систем за борба против корупцијата и формирање Агенција за борба против тешките облици на криминал, вклучување на младите во власта (најмалку 30% во советите на општините и парламентот) и посебни предуслови за отворање на бизнис, реформи на администрацијата (укинување на 50% од министерствата, агенциите, регулаторните тела итн.), намалување на бројот на пратениците на 90, но и Македонија да биде една изборна единица, како круцијален предуслов за демократизација и промена на власта.
Во оваа насока се и нашите цврсти партиски определби за полноправно членство во ЕУ, продолжување на реформите во одбраната како членка на НАТО и водење надворешна политика согласно нашите стратешки цели и интереси усогласена со политиките на ЕУ и стратешките партнери, пред сѐ на САД.
Демократскиот сојуз како автентична политичка партија, препознатлива по своите политички ставови и определби е подготвена за парламентарните избори.
До крајот на оваа недела јавноста ќе биде информирана за тоа како и со кои партии ќе настапиме на изборите, но во интерес на државата и граѓаните е да се формира широк промакедонски опозиционен блок, преку кој граѓаните ќе ги поразат погубните и анационални политики на ДУИ и СДСМ, подвлекуваат од Демократски сојуз.