Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, воедно е и месец на почетокот на објавата на Куранот. Поголемиот дел верници од исламска вероисповед овој празник го слават три дена.

Во текот на Рамазанскиот пост муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитер, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината.

Рамазан-Бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина. Ден кога сиромашните се радуваат во удобностите на животот, ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога муслиманите се соединуваат во молитви и меѓусебни посети, ден кога пријателите ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, ден кога благородниот дух ги простува грешките на другите и се соединува по разделбата.

По повод празникот, честитка до верниците од исламска вероисповед упати поглаварот на ИВЗ Реисул Улема, Шаќир Фетаи.

– Празникот Фитр Бајрам е триумф на верата над неверството, на доброто над злото, на великодушноста над скржавоста, на солидарноста над понижувањето, на приближувањето едни на други над изолацијата и одвојувањето од другите, на мирот над конфликтот, на духовноста над материјализмот и на помирувањети над одмаздата; накратко: овој голем празник е симбол на исполнување на аманетот доверен од страна на Возвишениот Бог. Овој благословен Рамазан, беше со нас во најтешките моменти кои ги донесе опасната болест Ковид-19 и коегзистираше со нас во текот на сите денови во текот на постот. Ова направи вредноста за верникот да биде уште поголема затоа што водевме двојна војна, едната против проколнатиот ѓавол, а другата во нашите напори да придонесеме за исчезнување на вирусот за да се спасат животите на луѓето. Се молиме на Семоќниот Аллах со молитва да го прифати постот, обожувањето, молитвите, милостината на верниците и да ги усреќи срцата на сите луѓе ширум светот, да ги спаси и подигне послабите, да ги помири срцата на луѓето за да живеат во мир и хармонија, да ги лекува срцата и раните на семејствата на жртвите од опасната болест и да го зајакнат нашето единство за доброто на нашите семејства, на нашиот народ и на и целиот човечки род, вели Реисул Улема, Шаќир Фетаи, во честитката по повод празникот Фитр Бајрам.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е неработен за сите граѓани на Македонија.