Десет театарски претстави од Македонија и од земјите во регионот ќе бидат изведени на 29. Меѓународен фестивал „Денови на комедија“ во Куманово. Фестивалот ќе се одржи од 23 септември до 5 октомври во Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“, беше соопштено на денешната прес-конференција.
Годинашната програма ќе донесе познати актерски имиња и претстави кои преку смеата и хуморот отвораат различни теми од секојдневниот живот. Организаторите најавуваат квалитетна актерска игра и препознатлива фестивалска атмосфера.
„Ќе се доделат награди за најдобра претстава, режија, сценографија, костимографија, главна женска и машка улога, споредна женска и машка улога и млад актер. За наградите ќе одлучува тричлено жири. На затворањето на фестивалот, надвор од конкуренција, во чест на годинешниот лауреат Игор Џамбазов“, изјави актерката Александра Михајловска Величковски.
Билетите се пуштени во продажба, а дел од претставите веќе се распродадени. Сите изведби ќе почнуваат во 20 часот во НУЦК „Трајко Прокопиев“.
„Билетите се веќе во продажба, а за дел од претставите веќе се распродадени. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам со 800 илјади денари и од Општина Куманово со 450 илјади денари, но благодарни сме на општествено одговорните компании“, изјави директорката Јоана Сарафимовска.
Организаторите посочија дека годинава фестивалот има поголем број спонзори и изразија очекување поддршката да продолжи и за јубилејното 30. издание следната година
