Подготовките за воведување дигитална студентска картичка за бесплатен јавен превоз во Скопје се во завршна фаза, соопшти претседателот на Градскиот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Ристески. Картичката ќе биде достапна преку апликацијата SkopjeBus, а студентите повеќе нема да треба да доставуваат хартиени потврди и лично да одат на шалтер за заверка.

Според Ристески, решението се подготвува со заложба на градоначалникот на Град Скопје и раководството на ЈСП, како одговор на барањата на студентите за поедноставно користење на бесплатниот јавен превоз.

„Со нејзината примена, постапката што досега подразбираше одење на факултет по потврда, чекање пред шалтерите на ЈСП и носење хартиени документи, ќе се одвива дигитално. Ова е промена што студентите ја побараа и која заслужува да биде реализирана. Градското раководство ги слушна нивните потреби и пристапи кон решавање на една административна обврска што со години им одземаше време и енергија“, вели Ристески.

Тој посочи дека потребата од ваква промена најдобро ја разбираат студентите што досега чекале ред за добивање потврда, а потоа и за заверка на превозната картичка. Проблемот, според него, е особено изразен на почетокот на академската година, кога студентите треба да ги организираат предавањата, вежбите и другите факултетски обврски.

Дигитализацијата на постапката се подготвува преку соработка меѓу ЈСП, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Мајка Тереза“.

„Време е институциите да го преземат својот дел од работата и меѓусебно да ги разменуваат податоците што веќе ги поседуваат. Токму тоа го овозможува ова решение, кое се подготвува преку соработка меѓу ЈСП и ФИНКИ, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Мајка Тереза“. Студентскиот статус ќе се потврдува преку автоматска синхронизација на податоците меѓу ЈСП и универзитетите. Со тоа се отстранува потребата студентите да доставуваат хартиени потврди и лично да одат на шалтер за заверка“, посочи тој.

Студентите ќе добијат упатства на своите електронски адреси и ќе се најавуваат во апликацијата SkopjeBus со истата адреса што ја користат на универзитетот. По активирањето на дигиталната картичка, при патувањето ќе го приложуваат QR-кодот од мобилниот телефон за валидација во автобусот.

Според Ристески, практичната придобивка е во тоа што студентската превозна картичка ќе се наоѓа во мобилниот телефон, додека потврдувањето на студентскиот статус ќе се одвива автоматски, без посета на шалтери.

„Потребите на младите мора да бидат високо на агендата на локалната власт. Условите во кои студираат, пристапот до услуги и времето што го трошат за административни обврски се прашања што заслужуваат внимание и конкретни решенија. Поддршката за младите се покажува и преку способноста да се реши проблем што тие го посочиле. Да се поедностави постапка. Да се отстрани непотребна обврска. Да се овозможи услугата да се добие побрзо и полесно. Затоа ја поздравуваме заложбата на градоначалникот и на ЈСП, како и вклученоста на универзитетите во оваа подготовка на ова решение. Очекуваме претстојната имплементација да го донесе токму она што студентите го бараат: едноставен и функционален начин за користење на правото на бесплатен превоз. За почетокот на примената и за начинот на активирање на дигиталната картичка, студентите ќе бидат навремено известени. Ние, како УМС, ќе продолжиме да ги отвораме темите што се важни за младите во Скопје и да се залагаме нивните иницијативи да стануваат реалност. Ќе го следиме спроведувањето на оваа промена и ќе ги пренесуваме предлозите и забелешките на студентите. ВМРО-ДПМНЕ работела и ќе продолжи да работи во интерес на младите. Нашата обврска е таа определба да ја претвораме во конкретни постапки и резултати. Помалку време пред шалтери значи повеќе време за предавања, испити и личен напредок. Токму тоа треба да им го овозможиме на студентите“, рече Ристески.

За датумот на почетокот на примената и начинот на активирање на дигиталната картичка студентите дополнително ќе бидат известени. Ристески најави дека УМС ќе го следи спроведувањето на промената и ќе ги пренесува предлозите и забелешките на студентите.