Министерот Алиу објасни дека дигитална трансформација во здравството е врвен приоритет и најави надградба на системот Мој термин
Министерот за здравство Азир Алиу, во гостување на вестите на Канал 5, зборуваше за дигитална трансформација во здравството. Тој подвлече дека клучни се три столба – инфраструктура, кадар и дигитализација – и најави конкретни чекори. Посебен фокус, рече Алиу, е ставен на системот Мој термин, кој ќе биде надграден со нови функции и можности.
„Мој термин досега служеше само за закажување термини. Сега веќе не е така. Ќе добие неколку нови модули. Планираме и натамошна надградба“, изјави министерот.
Алиу појасни дека идејата е Мој термин да ги интегрира сите постојни процеси и да овозможи нови.
„Пристапот мора да биде постепен. Веќе усвоивме национална стратегија за дигитализација. Дефиниран е патоказот, сега правиме мапирање и проценка на целата инфраструктура. Министерството собира информации од сите директори – за кадровските капацитети и за технолошките потреби. Сакам здравствениот систем да биде целосно транспарентен. Довербата во системот е исклучително важна“, додаде Алиу.