Предвидено е вицепремиерот Димитров да оствари средби со словенечкиот претседател Борут Пахор, министерот за надворешни работи Анже Логар, претставниците на Комитетот за европски работи во словенечкиот Парламент, како и со пратениците од Комитетот за надворешна политика, а меѓу соговорниците за европската иднина на С. Македонија, ќе бидат и европратеничката Тања Фајон со која, исто така, ќе се сретне за време на официјалната посета.
– Темите за разговор со словенечките соговорници ќе бидат на иста линија како и разговорите во Германија, дотолку повеќе што Словенија ќе го преземе кормилото со Советот на ЕУ во втората половина од оваа година, а двете земји имаат тесна соработка во рамки на актуелното Трио. Поконкретно, ќе се разговара за приоритетите на словенечкото претседателство особено проширувањето на ЕУ кое што е високо на нивната нивната агенда, се вели во соопштението од МНР.
На средбите ќе се отворат и теми поврзани со билатералната помош што во континуитет ја добиваме од Република Словенија, како наш традиционален партнер и поддржувач и која дава значителен придонес како за ЕУ реформите, така и за конкретни инфраструктурни проекти.